Оваа година состојбата со учебниците е значително подобрена во однос на минатите години и во делот на издавањето и во делот на дистрибуција на книгите до учениците, посочи денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Тој рече дека во најголем дел учебниците веќе се испечатени и однесени во училиштата. Тврди дека сè она што не е довршено ќе се заврши во најкраток можен рок.
Книгите веќе се доставуваат за сите одделенија во училиштата, меѓутоа има некои учебници за кои што дел од материјалите не се одобрени или дел не беа завршени од самите автори, а дел не ја поминаа рецензијата, бидејќи не може министерот да седне и да го напише учебникот, да го одобри. Тоа го прави автор, рецензентска комисија и на крајот учебникот се дава во издавачкиот дел и се печати. Во најголем дел учебниците веќе се испечатени и однесени се во училиштата, рече Ковачевски, по пуштање во употреба на нов објект во детска градинка во Карпош 3 во одговор на новинарско прашање.
Како што напомена, се она што не е довршено како резултат на пишувањето, а не како резултат на организација на принтањето и печатењето на учебниците, ќе се заврши во најкраток можен рок.
Во меѓувреме, посочи, постојат наставно-научни материјали кои наставниците ќе можат да ги користат.
Во меѓувреме ќе има наставно-научни материјали кои што наставниците ќе можат да ги користат. Тие не се на ниво на комплетна книга, меѓутоа во тој краток временски период ќе можат да бидат употребени во наставата. Сепак, состојбата денес е многу подобра во однос на минатите години. Процесот на рецензија и на проверка на книгите е многу построг, бидејќи сигурно дека не сакаме да има книги во кои што се вели дека Бугарија е на запад, а Албанија е на исток. Тоа нема да се повторува, рече премиерот.