За изградба на ПАХЕ Чебрен и на водородногасоводни централи во Неготино и во Битола треба да се направи анализа колку една таква инвестиција би го оптоварила јавниот долг визави приватен инвеститор и да се направи костбенефит анализа во која треба да се види колку државата добива од производство на електрична енергија, па потоа да се одлучи дали треба државата сама да ги прави или преку приватен инвеститор, порача денеска премиерот Димитар Ковачевски.
Секогаш е добро од финансиски аспект да имате приватен инвеститор којшто инвестира. Во тој случај ќе ја имате инвестицијата, а нема да го оптоварите јавниот долг со нови задолжувања. Јас го почитувам мислењето на Здружението на инженерите дека треба да се прават со сопствени средства, тоа се искусни луѓе. Дел од нив се присутни во научната и во практичната сфера по четири децении. Четири децении тие капацитети не се изградени во државата, рече Ковачевски во одговор на прашање при денешната посета на Универзитетска клиника за ортопедски болести заедно со министерот за здравство Фатмир Меџити.
Нагласи дека минатата година работевме на справување со енергетска криза со капацитети стари по 45 години.
Битола и Неготино се капацитети од 1984 година со руска технологија и само благодарение на вештината на вработените таму тие работа со полн капацитет, рече Ковачевски.
Дали е подобро да се градат со сопствени средства енергетските капацитети или со приватен инвеститор, додаде, анализа ќе направи Министерството за финансии кое има дневна соработка со ММФ, со Светска банка, каде постојат модели како најдобро се прават тие инвестиции.
Според мене, водородногасните централи треба да ги правиме со Генералелектрик од САД кои се наш најголем пријател споредено со сите други држави. Мислам дека дава долгорочна стабилност и сигурност во делот на енергетскиот сектор доколку се работи со инвеститор од САД. Меѓутоа, тоа е мое мислење кое што ќе биде едно од мислењата при носењето на финалните одлуки, кога ќе дојде времето кога ќе треба да се носат и да се инвестира во овие капацитети, посочи Ковачевски.
Прецизира дека во Буџетот на државата од 5,6 милијарди евра – 1,3 милијарди се за пензии, 0,9 милијарди за здравство, 0,5 милијарди се за плати.
Веќе половина од тие 5,6 милијарди се недискрецески трошоци, плус дополнително за одбрана, МВР, култура итн. Дискрецискиот дел на Владата се однесува на капиталните инвестиции, а веќе имаме една инвестиција од 1,3 милијарди евра и затоа секое ново оптоварување на Буџетот мора да биде консултирано и со оние коишто го финансираат дефицитот. Финансирањето на дефицитот кај нас се прави преку ММФ, Светска банка, преку еврообврзниците, рече Ковачевски и додаде дека во 2024 година нема да издаваме еврообврзница, бидејќи веќе направивме добри аранжмани со СБ и со другите кредитори.
Здружението на инженери на Република Македонија денеска до Владата и до Собранието достави Иницијатива за донесување на Закон за изградба на ПАХЕ Чебрен со сопствени средства.