Српскиот претседател Александар Вучиќ утре ќе се состане во Белград со премиерот на Македонија Димитар Ковачевски во зградата на Генералниот секретеријат на претседателот на Србија, соопштија од службата за соработка со медиумите на претседателот Вучиќ.
Во соопштението се наведува дека средбата ќе се одржи во 09:00 часот, а по средбата ќе биде проследено соопштение.
Како што јави дописникот на МИА од Белград, официјалната посета на Белград македонската делегација предводена од премиерот Ковачевски, во која се и повеќе министри, ќе продолжи во Палата Србија каде што ќе има официјална церемонија на пречек и тет-а-тет средба со премиерката на Србија Ана Брнабиќ, по што ќе се одржи пленарен состанок на владините делегации, по кој премиерите ќе одржат прес-конференција.
Како што соопштија од Канцеларијата за соработка со медиумите на српската Влада, предвидена е и церемонија на потпишување на повеќе документи во присуство на Брнабиќ и Ковачевски.
Вчера македонската Влада ја разгледа и усвои Информацијата за Меморандум за разбирање меѓу Владата на Македонија и Владата на Србија, за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница и го прифати усогласениот текст.
Целта на Меморандумот, според предлагачот, Канцеларијата на претседателот на Владата, е заеднички да се разгледаат можностите и да се преземат мерки за подобрување на движењето на луѓе и стока преку државната граница меѓу Македонија и Србија, особено преку граничниот премин Прешево – Табановце.
Со Меморандумот, двете страни ги разгледуваат можностите за проширување на пристапните патишта до граничниот премин, поставување или подобрување на сообраќајната сигнализација, воспоставување нови процедури за гранична контрола за забрзано преминување на патниците и проверка на лица и возила на граничниот премин.
Владата ја разгледа и усвои Информацијата за склучување Меморандум за разбирање – проект за електронска наплата на патарина – воспоставување интероперабилен електронски систем за наплата на патарина и го прифати усогласениот текст на Меморандумот.
Овој Меморандум, според предлагачот, Министерството за транспорт и врски, е со цел да се поддржат напорите на Владата на Македонија и Владата на Србија да се придонесе за исполнување на целите за слободно движење на луѓе, стоки, услуги, капитал и отворени граници, како и продолжување на развојот, модернизацијата и интеграцијата на патната инфраструктура на земјите од Западен Балкан