Премиерот Димитар Ковачевски ја проследил изјавата од експретседателот Бранко Црвенковски. Тој смета дека излагањето било корисно, иако се спротивни на тезите кои Владата ги застапува. За песимистичкиот став дека на Црвенковски кој кажа дека Македонија нема шанси до 2030 година да биде членка на ЕУ, Ковачевски искоментира: „Секогаш е од која перспектива гледате. Имаше луѓе кои беа песимисти дека никогаш нема да станеме членка на НАТО – ние станавме. Така што, важно е да се остане верен на целта која ја сакаат граѓаните и да се работи таа цел да се оствари“.

„Кога ќе погледнете од временска перспектива, тогаш во еден момент некои работи можат да ви се чинат неостварливи или тешко остварливи. Јас сум зборувал со негови колеги кои биле советници во неговиот кабинет, кои се мои блиски пријатели, кои велат: ‘За нас од тогашна перспектива беше несфатливо да се дојде до договор со Грција и државата да стане членка на НАТО. Од оваа перспектива гледаме дека можело да се постигне договор’. Исто така, никој не очекуваше дека минатата година ќе добиеме преговарачка рамка, по 17 години, но ние заедно со пратениците и 27 членки усвоивме преговарачка рамка. Јас верувам дека до 2030 година можеме да бидеме членка на ЕУ ако ги донесеме одлуките кои се очекуваат од нас. Подоцна, да го довршиме и процесот на скрининг, да ги отвориме поглавјата и да ги затвориме поглавјата. Има отворен прозорец од ЕУ“, рече Ковачевски.

Посочи дека ги цени ставовите на Црвенковски и другите експретседатели и експремиери.