Ковачевски вели дека во случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, Владата не е ниту обвинител ниту судија и дека тој како премиер нема да се меша во работата на правосудните органи, како што тоа го правеле некои поранешни премиери

Премиерот Димитар Ковачевски денеска го оцени како добро тоа што републичкото Јавно обвинителство формирало комисија која веќе ги испитува наводите поради кои струшкиот градоначалник Рамиз Мерко се најде на американската „црна листа“.

Прашан кои се неговите очекувања од надзорот на јавните обвинители, Ковачевски првин се осврна на објавата на струшкиот градоначалник на Фејсбук, посочувајќи дека тоа што Мерко го „беседел на социјалните мрежи“, тој го кажувал уште првиот ден по објавувањето на одлуката на американскиот Стејт департмент.

„Мене ме прашувавте многу пати за струшкиот градоначалник, гледав од утрово дека тој на социјалните медиуми има една беседа за Вудро Вилсон со американски знамиња итн. и каде што кажува дека Општината е отворена за сите истражни органи коишто треба да ги испитаат наводите и основите врз основа на кои тој се најде на ’црната листа’. Тоа што тој го избеседи утрово јас го кажав и првиот ден, дека Општината треба да биде веднаш на располагање, да бидат направени сите проверки. Добро е што Јавното обвинителство веќе формирало комисија која тоа треба да го испита и на таков институционален начин треба да функционира државата“, рече Ковачевски одговарајќи на новинарски прашања за време на денешната посета на Свети Николе.

Тој додаде дека во случајот Владата не е ниту обвинител ниту судија и дека тој како премиер нема да се меша во работата на правосудните органи, како што тоа го правеле некои поранешни премиери, алудирајќи на поранешниот премиер Никола Груевски.

„Владата ниту е обвинител ниту е судија и јас нема да го правам тоа што го правеле некои поранешни премиери заради што мораа да одат да живеат во други земји, туку секоја институција треба да ја преземе својата одговорност и да работи во согласност со своите законски надлежности“,изјави Ковачевски.

Струшкиот градоначалник Рамиз Мерко, една недела откако беше ставен на американската „црна листа“ поради вмешаност во значителна корупција, присвојување средства и мешање во судски и други јавни процеси, денеска се огласи на својот фејсбук-профил.