На денешната седница во Собранието пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки истакна дека власта не понудила ниедно решение за граѓаните а СДСМ во меѓувреме се претворила во најобичен приврзок на ДУИ, на Али Ахмети и на Артан Груби за кој деновиве слушаме како се богател на грбот на граѓаните.

„Македонските граѓани немаа можност да гласаат на избори за својот премиер, ама последно имавме можност да го слушнеме неговото експозе. Премиерот напаѓаше политички партии а не понуди ниту едно решение за проблемите на граѓаните. За кои што се лично одговорни тој и неговата СДСМ која во меѓувреме ја претвори во најобичен приврзок на ДУИ на Али Ахмети и на Артан Груби за кој деновиве слушаме како се богател на грбот на граѓаните“, нагласи Ковачки.

Ковачки истакна дека за министерот за дијаспора не знае колку време би требало да му се посвети од причина што никој не го знае, и дали и што сработил а и премиерот ништо не кажал за него.

„Јас како пратеник не знам колку време би требало да му се посвети на министерот за дијаспора од проста причина што никој не го знае, и дали и што сработил односно не сработил до сега. Ниту премиерот кажа нешто за него ниту негативно ниту негативно а достави предлог за разрешување“, истакна Ковачки.

Пратеникот од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачки истакна дека безбедноста на граѓаните во Македонија никогаш не била волку загрозена, а од моментот на доаѓање на министерот Оливер Спасовски на чело на МВР на подрачјето на Град Скопје до денеска имало не расветлени 20 убиства.

„Во Македонија безбедноста на граѓаните никогаш не била позагрозена. Институциите не ја владеат состојбата, и во најголем дел од случаите се реактивни, некогаш не реагираат, а често пати реагираат во полза на прекршителите на законот со кои се во спрега. Од моментот на доаѓање на министерот Спасовски на чело на МВР на подрачјето на Град Скопје до денеска имаме не расветлени 20 убиства. Во делот на безбедноста на младите неизбежно е спомнување на проблемот со дрога која е достапна како никогаш до сега, младината ни се труе и се навлекува на психотропни супстанци а власта не превзема ништо. Власта е во спрега со криминалците како што споменав погоре, тоа го видовме кога цели акции на ЈО беа пробивани од лица кои се задолжени за безбедноста на државата“, нагласи Ковачки.