Во продолжение интегрален текст и видео од прес конференцијата на Ковачки:
И од 5-ти Ноември навака нема никаква информација од надлежните институции.
Молчи МВР, молчи Обвинителство, молчи Царина, молчат сите за овој огромен скандал во кој 1 тон дрога пристигал на скопскиот аеродром во пратка од Дубаи пријавен како мобилна галантерија за една скопска компанија и истиот бил пуштен да помине.
Логиката вели дека штом институциите молчат, тогаш се дебело вмешани во ова.
Власта во најмала рака е протеже на нарко-мафијата.
Повторно ги прашуваме надлежните институции, како е возможно во Македонија преку скопскиот аеродром да влезе 1 тон дрога?
Зошто не демантираат дека пратката освен што била пропуштена да помине, била и придружувана со царински службеници со ротација се’ до моментот кога, дрогата била запрена?
Денес ќе поставиме нови прашања кои ако повторно бидат одмолчени, ќе значат потврда.
1. Дали е точно дека после откривањето на пратката на 5-ти ноември во Царинската управа бил вклучен црвен аларм, но не да се разоткрие пропустот, туку како да се забошоти овој скандал?
2. Дали е точно дека следниот ден високи партиски функционери на власт во царината одржале состанок, после кој на 8-ми ноември дошло до промена на изјавата на царинскиот службеник вмешан во скандалот?
3. Дали е точно дека царинскиот службеник кој бил вмешан во овој скандал првично дал изјава дека добил усна наредба од претпоставен да ја пропушти пратката без да ја прегледа, за после неколку дена да даде видоизменета изјава во која ја побива претходната изјава?
4. Дали е точно дека власта на СДСМ и ДУИ преку своите функционери во Царината извршила притисок врз царинскиот службеник да ја промени својата изјава?
Очигледно е дека власта на СДСМ и ДУИ по истиот рецепт со закани сака вината да ја префрли кај службеници, исто како во скандалот “Мафија“ кога неколку чиновници одговараа за 215 пасоши системски доделувани на наркобосови, мафијаши, терористи и платени убијци.
Ваква операција за внес и транспорт на 1 тон, ВНИМАВАЈТЕ ЕДЕН ТОН ДРОГА, преку скопскиот аеродром не е возможно без знаење на раководните структури на МВР и Царината.
Обидот да се забошоти и да се заборави овој криминал е само потврда дека се работи за мафијашка спрега помеѓу подземјето, власта и обвинителството.
Им порачуваме дека многу скоро за ова ќе има одговорност и за тие кои шверцувале дрога и за тие кои тоа го дозволиле и за тие кои прикривале ваков криминал, порача Ковчки.