Бугарската влада соопшти дека се преговара за вметнување на Бугарите во Уставот на Република Македонија и тоа не за дали, туку кога Бугарите ќе бидат впишани во Уставот. Од друга страна, и покрај пресудите на ЕСЧП за правата на Македонците во Бугарија, изјавуваат дека нема да дозволат ниту да се признае постоењето на македонското малцинство во Бугарија, а камоли истото да биде впишано во бугарскиот Устав и истото да ги добие сите права согласно меѓународните стандарди. Во текот на вчерашниот ден министерот за надворешни, Бујар Османи не собра храброст пред пратениците и македонската јавност да каже за што точно се преговара и што точно содржи пакетот 5+1. Бујар Османи не достави никаков писмен материјал до пратениците туку се обиде со усно објаснување да дефокусира од клучните прашања за кои е заинтересирана бугарската страна, односно за македонскиот јазик кој не сакаат ниту да го споменат, и за етногенезата на македонскиот народ, изјави на денешната прес конференција, Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој посочи дека Ковачевски и Османи бегаат и не доставуваат што точно доставиле до Софија.
– Од страна на Османи и Ковачевски не бил испочитуван ниту принципот за на реципроцитет, односно рамноправност којшто како Влада се обврзани да го почитуваат, а истиот произлегува од Резолуцијата изгласана во македонското Собрание. Како и Зоран Заев, така и Ковачевски првата работа што ја прави е ветување на надворешни фактори за отворање на Уставот и негова промена. Ниту тогаш Заев, ниту сега Ковачевски нема легитимитет да преговара и договара менување на највисокиот правен акт на државата затоа што за тоа нема никаква општествена оправданост, туку истото служи за купување на уште некој ден или месец плус на власт, и претставува блед обид за глумење на допадливост, истакна Ковачки.
Тој појасни дека за се’ што се преговара и распродава македонската јавност и дека тие како политичка партија со најголема пратеничка група во Собранието, дознаваат од изјави на бугарски политичари и новинари.
– Османи и Ковачевски можат да реферираат пред комисијата за надворешни работи, на затворена седница, но тие бегаат од опозицијата, исто како и од македонската јавност заради националното предавство кое го прават. Преговори за македонскиот јазик и етногенезата на македонскиот народ не смее да има, а процесот мора да се води врз база на реципроцитет, во спротивно, Заев, Ковачевски и Османи ризикуваат поларизација на состојбата во државата за што лично ќе бидат одговорни, додаде Ковачки.