Јас сум запрепастен од неодговорноста пред се на Врховниот командант затоа што тие што тоа го правеле се во негова надлежност, станува збор за многу високи офицери, полковници, генерали кои се во надлежност на претседателот на државата, односно на Врховниот командант, истакна пратеникот и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки во гостување во утринска емисија на ТВ Алфа говорејќи за секс-скандалот кој ја тресе АРМ, односно сексуалното вознемирување на офицерки од страна на високи офицери.
Ковачки исто така додаде дека претседателот на државата, односно Врховниот командант кој е директно надлежен, дрско повикува сознанијата за ваквите случаи да се достават до надлежните органи, а тој не презема ништо бидејќи е уценет човек и чека номинација за втор мандат
„Рече да се пријави во надлежна институција, а надлежна институција за пријавување на вакви работи е токму Врховниот командант затоа што тој е надлежен за сите нив. Јас дури и се понудив да појдам до таму за да поразговараме, да му објаснам некои работи, да му се подразјаснат работите ако не ги знаел, меѓутоа јас се сомневам дека не ги знаел. Мислам дека лично бил информиран меѓутоа нема преземено ништо затоа што станува збор за еден уценет човек којшто не сака да презема активност, ја чека својата номинација за мандат и токму затоа молчи. Не сака скандали на крајот од мандатот, но скандалите се случени и скандалите мора да бидат расчистени затоа што тие деца таму, девојчиња, тие се нечии ќерки, сопруги итн. Не сакам да помислам некој да се стави во таква ситуација“, потенцираше Ковачки и додаде дека тоа што Министерката за одбрана потврди дека знаела за овој скандал, а потоа демантирала отвора сомнеж дека некој интервенирал да се заташка овој скандал, а институциите мора да кажат кој интервенирал и кој вршел притисок со цел овој случај да се расчисти и да не се повтори.
„Претседателот има одговорност да преземе мерки кон таквите сторители, да се спречат идни такви појави затоа што во моментот кога не преземате активности кон таквите сторители, тие имаат можност да се повторуваат во недоглед и најверојатно тоа може и да се повторува. Јас сега не можам да знам во моментов, меѓутоа тоа што министерката го потврди дека знаела, а после тоа вечерта демантираше дека не била информирана практично се фрли сомнеж дека некој интервенирал, а кој е тој што интервенирал мислам дека треба да излезат институциите и Министерството за одбрана, меѓутоа пред сѐ мислам на претседателот е тој кој што треба да каже кој е тој што вршел притисок. Дали е тој што вршел притисок, дали нему му е вршен притисок итн. Меѓутоа овој скандал не смее да остане нерасчистен“, потенцираше Ковачки.