Ние веќе ги најавивме некои чекори и гледате што се случува во Собранието, имаме една активна блокада на македонскиот Парламент каде што не ги гласаме законите кои што се на штета на македонските граѓани. и не само што не ги гласаме туку и целосно ги блокираме штетните закони. Дозволуваме да поминат само закони кои што се во интерес на граѓаните каде што треба да им се помогне на некој начин финансиски, процедурално некои работи да се решат, истакна Драган Ковачки, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ во утринска емисија на радио „Лидер“.
Тој додаде дека ВМРО-ДПМНЕ изминатиот викенд покажа една масовност на протестот. И токму тој протест практично докажа дека народот ги одобрува чекорите на ВМРО-ДПМНЕ.
-А, што се однесува до понатамошните чекори, сите имаа можност на протестот да го слушнат и претседателот на ВМРО-ДПМНЕ дека доколку не договориме датум за избори, ќе продолжиме со уште посериозни чекори значи ќе одиме кон целосна блокада дури и на системот. Така да од интерес на Република Македонија, од интерес на граѓаните, па и од интерес на Социјалдемократскиот сојуз и нивната коалиција е да што побрзо се организираат избори, затоа што факт е дека со оваа структура на власт Македонија не може да продолжи ниту еден чекор понатаму, рече Ковачки.
Ковачки посочи дека Македонија има деградација на секое поле поради неодговорноста и неспособноста на власта. Образованието, здравството, одбраната, безбедноста, практично на секое поле власта направи катастрофа.
-Имате тотален колапс на институциите. Има целосна недоверба од страна на граѓаните кон институциите. Корупцијата задира во секое поле на државата, на општеството. Практично оваа власт е таа која што е одговорна што ја доведе во оваа состојба државата и институциите. Спасот од оваа власт, спас за Македонија се избори, нагласи Ковачки.