Власта ја лажеше македонската јавност во врска со Предлогот за отпочнување на преговорите со ЕУ. Владата на Ковачевски лажеше затоа што со овој предлог прават трајна штета на македонските национални и државни интереси, кои водат или кон вечно преговарање или кон асимилација, промена на учебниците, промена на историските читанки за лица и настани од македонската историја и директно задирање во идентитетските прашања. Со еден збор, владата на Ковачевски предвидува Предлог кој целосно ги опфаќа бугарските барања, изјави на денешната прес конференција, Драган Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ.
Тој истакна дека Ковачевски и Владата го лажеа народот и кога говореа дека наводно одбиле првичен предлог, за потоа да излезе на виделина дека новиот предлог е ист и со козметички и семантички несуштински измени.
– Вистината е дека прифаќаат предлог кој во себе содржи механизми кои на Бугарија и овозможуваат целосен диктат на процесот во кој или ќе ги прифаќаме нивните барања или ќе добиваме континуирано вето. Тоа е втората лага на Ковачевски и неговата Влада. Тие тврдат дека во рамката за почеток на преговори не се опфатени т.н. историски прашања, но во суштина истата таа рамка содржи Годишен извештај или Протокол кој треба да го цени официјална Софија и од чија содржина зависи напредокот на Македонија. Е токму тука во овој годишен извештај ќе се проценува реализацијата на членот 12 од договорот со Бугарија од 2017 година и во кој извештај таксативно и прецизно бугарската страна бара конкретни промени на учебници за лица и настани, споменици и т.н. Така на пример, со точен рок се обврзува македонската страна да направи промена на лекции во учебникот за 7 одделение по географија, во учебникот по историја за Цар Самоил, а во некоја наредна фаза и промена на учебниците кои се однесуваат на Илинденското востание, Гоце Делчев, Сандански, Груев и сите видни револуционери и историски настани, појасни Ковачки.
Тој потенцираше дека ова е диктатот кој владата на Ковачевски е спремна да го прифати за да обезбеди сликање кое треба да биде новото селфи од авиончето, бидејќи вистинскиот почеток на преговори би следел после менувањето на македонскиот Устав.
– Тука е третата лага на Ковачевски и неговата Влада. Суштинското отворање на пристапниот процес е условен од промена на Уставот, за кој прво истата таа власт тврдеше дека ќе се случи на крајот пред самото членство, за сега да го направи на самиот почеток, без никакви гаранции од нови условувања и понижувања. Попатно, не помалку важно ќе биде оценувањето на говорот на омраза кој ќе се разгледува и оценува во рамки на Годишните извештаи кое е со широк опфат и овозможува селективно толкување од страна на Бугарија. Ете заради ваквите ултиматуми и понижувања велиме не благодарам. Заради ваквите лаги на власта на Ковачевски народот масовно излезе и вечерва ќе излезе, гласно и јасно кажа НЕ на асимилацијата на рати која ни се подготвува со овој предлог. И токму затоа граѓаните ќе продолжат и денес со својот мирен и достоинствен протест и денес во 19 часот пред платото на Владата. Македонија кажува НЕ на асимилацијата, НЕ на бугаризацијата! Новото виткање на кичма кое го подготвуваат Ковачевски и Османи не смее да помине, додаде Ковачки.