КРАЈ НА БЛОКАДИТЕ

Од 20:00 часот вечерва, 29.01.2026, македонските превозници ќе престанат со блокадите на товарниот дел од граничните премини. Одлуката ја донела попладнево Асоцијацијата „Мака̀м-транс“, откако Европската комисија одлучи да донесе нова стратегија за визи, што, според најавите, треба да го реши проблемот со кој се соочија професионалните возачи околу правилото за престој 90 во 180 дена во шенген-зоната.

Со прекинот на протестот, по речиси четиридневен застој се очекува да се нормализира товарниот сообраќај на граничните премини „Деве Баир“, „Делчево“, „Ново Село“, „Дојран“, „Богородица“, „Меџитлија“, „Ќафасан“, „Блаце“, „Блато“ и „Стење“, за влез и излез од државата.

Од „Мака̀м-транс“ преку објава на Фејсбук соопштија дека се повлекуваат затоа што, како што наведуваат, со одлуката на ЕУ ја добиле потврдата што ја очекувале за промени. Воедно им се заблагодарија на сите кои, како што велат, во изминатите денови дале поддршка и солидарност со блокадата на граничните премини.

– Вашето заедништво и истрајност дадоа резултати, согласно официјалното известување од министерот за транспорт Александар Николоски, Европска комисија донесе одлука да донесе нова стратегија за визи која ќе значи решавање на проблемот со кои се соочија професионалните возачи, за престојот 90 во 180 дена.

Бидејќи е добиена потврдата која ја очекувавме за промени Ве информираме дека протестот кој беше организиран од страна на Асоцијација Макам-транс на граничните премини Деве Баир, Делчево, Ново Село, Дојран, Богородица, Меџитлија, Ќафасан, Блаце, Блато и Стење ќе биде ПРЕКИНАТ од вечерва, 29,01.

2026 година од 20:00 часот за влез и излез од државата. Особено сме благодарни до сите медиски куќи, портали кои нашата борба ја направија видлива за цела Европа.

Заедно сме посилни!, велат од „Макам-транс“.

Блокадата почна на почетокот на неделава, а во неа учествуваа транспортери од државата, Србија, Црна Гора и од Босна и Херцеговина. Тие бараа да бидат изземени од новиот систем за контрола на влез и излез во ЕУ, за кој велат дека им предизвикува економски штети и депортации.

Претходно, вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски објави дека Брисел ќе донесе нова стратегија за визи, со која, според него, ќе се реши проблемот на превозниците што четири дена ги блокираа граничните премини кон шенген-зоната.

– Само што добив одлични вести од Брисел во врска со огромниот проблем на превозниците од Македонија! Нашите ставови се прифатени. Возачите се прифатени како професионалци. Тоа е она што го баравме.

КРАЈ НА БЛОКАДИТЕ И РЕШЕНИЕ

По протестите и силната офанзива изминатиот период, Брисел ќе донесе нова стратегија за визи, која ќе значи решавање на проблемот со кој се соочија професионалните возачи – напиша Николоски во објава на „Фејсбук“ споделуваќи дел од новините.

Извршната потпретседателка на Европската комисија за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен, при презентацијата на стратегијата за визи на ЕУ и на европската стратегија за управување со азил и миграција, усвоени на денешната седница на Колеџот на комесарите, рече дека со стратегијата предлагаат да разгледаат поголема флексибилност за превозниците. Како што посочи, тоа би било „секако без да се загрози безбедноста“, а во исто време и да не се променат правилата, дури кога станува збор и за безвизно патување.

Таа потенцира дека за прекугранични работници, кои секојдневно ја минуваат границата на ист премин, постојат исклучоци и флексибилност. Но, додаде, тоа не важи за некои други професии каде што исто така се идентификувани предизвици, како што се возачите на камиони, спортистите и уметниците.

– Но, ние го разгледуваме тоа и во оваа стратегија за визи сега се осврнуваме на овој проблем – додаде Виркунен, без да наведе конкретни мерки.

Виркунен нагласи и дека со новиот систем за влез и излез (ЕЕС) не се воведени нови правила за должината на краткиот престој во шенген-зоната без визи, и дека останува можноста за престој до најмногу 90 дена во период од 180 денови.