Параноичната кампања на ДУИ и СДСМ и стратешките партнери на Владата
Директорот на ФЗОМ, Сашо Клековски, изјави дека првите надворешно-политички чекори на новата Влада се со САД и Велика Британија. Ова, според него, ја демантира параноичната кампања на ДУИ и СДСМ за наводна руска закана и проруска ориентација на ВМРО-ДПМНЕ. Тој зборуваше во подкастот „НАТКАСТ“ со Љупчо Цветановски.
„Со договорот со Велика Британија се обезбедуваат финансии за значајни сектори. Здравството е врвен приоритет за Владата, како што нагласува премиерот Мицкоски. Тоа се докажува со конкретни проекти“, рече Клековски.
Тој истакна дека договорот со Британија обезбедува средства за клучни здравствени и образовни проекти. „Во првиот пакет се завршува Клиничката болница во Штип. Планираме зграда за Медицинскиот факултет и нов студентски дом во Штип. Кичевската болница, започната пред 30 години, исто така ќе се заврши. Заедно со струмичката, таа е рекордер по должината на градба. Ќе се реконструира и Клиничката болница во Тетово“, изјави Клековски.
Финансиската рамка од 6 милијарди евра, од кои една третина се користи во првата фаза, покажува внимателно управување. „Министерството за финансии внимава на нивото на задолжување“, додаде Клековски.
Извор: Plusinfo