Најпопуларните бугарски платформи за споделување фајлови – ArenaBG, Zamunda и Zelka – од денес се недостапни, откако нивните интернет-домени беа запленети во координирана акција на американските и бугарските безбедносни служби. Ова се оценува како најсилниот удар врз торент-сцената во Бугарија во изминатите две децении.
Корисниците кои се обидуваат да пристапат до страниците наместо вообичаената содржина затекнуваат официјално известување за заплена. На банерот стои дека домените се одземени од Homeland Security Investigations, по судска наредба на Окружниот суд на САД за Јужниот округ на Мисисипи, во рамки на меѓународна операција за спроведување на законот. Во акцијата учествувале и Europol, како и бугарските институции – ГДБОП, ДАНС и Обвинителството на Бугарија.
Иако операцијата изгледа ненадејна, таа е резултат на подолг процес. Уште пред неколку години, бугарските власти официјално побараа помош од САД за затворање на најголемите торент-тракери во земјата, наведувајќи прекршувања на законите за интелектуална сопственост и финансиски злоупотреби. Со најновата заплена на домените, тие најави сега добиваат конкретна форма.
Судската одлука од САД ги задолжила регистраторите да ги пренасочат домените кон сервери под контрола на американските институции, што било возможно поради нивната техничка и правна поврзаност со инфраструктура лоцирана во САД.
Zamunda, која со години беше меѓу најпосетуваните интернет-страници во Бугарија со милиони месечни посети, е особено значаен случај. Иако бугарските власти најавуваат предистражни постапки за кривични дела поврзани со авторски права и даноци, засега нема информации за апсења или заплена на физички сервери.
Институциите од двете земји не соопштуваат дали операцијата ќе се прошири и на други платформи, ниту дали ова е само прв чекор. И покрај блокадата, експертите укажуваат дека ваквите страници често повторно се појавуваат преку алтернативни домени, но симболиката на оваа акција се смета за силна порака кон пиратските мрежи во регионот.
