Комбинираниот тим работи неуморно на пронаоѓање на исчезнатата подморница „Титан“, изјави денеска капетанот на крајбрежната стража Џејми Фредерик.

Пребарувањата во областа каде што беа идентификувани звуци во Атлантскиот океан во вторникот дадоа негативни резултати, рече тој, додавајќи дека тимовите сè уште се обидуваат да лоцираат што ги предизвикало ударите.

„Тимот моментално има пет средства кои се во потрага по подморницата и очекува уште десет кои ќе бидат вклучени во потрагата по изгубениот брод во следните 24 до 48 часа. Површинската потрага сега е речиси двојно поголема од Конектикат, а подземната потрага е длабока до две и пол милји“, вели тој.

„Добрата вест, она што можам да ви кажам, е дека бараме во областа каде што се слушнале звуците и ќе продолжиме да го правиме тоа“ ,рече тој, додавајќи дека податоците од канадскиот авион П-3 што ја регистрирал бучавата се проследени до експертите на американската морнарица за понатамошна анализа и ќе бидат земени предвид во идните планови за пребарување.

Тој изјави дека има ограничени количини на храна и вода на подморницата „Титан“.

„Титан“ исчезна со пет лица набргу откако почна да се спушта во неделата, на 18 јуни, кон остатоците од „Титаник“, британскиот океански брод што потона во 1912 година откако удри во санта мраз.