Една недела пред парламентарните избори во Холандија, десничарскиот популист Герт Вилдерс останува водечки кандидат, покажуваат најновите анкети на јавното мислење, пренесува ДПА.
Репрезентативното истражување на Институтот „Вериан“, спроведено за телевизиската програма EenVandaag, покажува дека Партијата за слободата (PVV) на Вилдерс би можела да освои 34 од 150 пратенички места во парламентот, што би ја направило најсилна политичка сила во земјата – исто како и на изборите одржани пред околу две години, јавува германската агенција.
Владејачката коалиција од четири партии се распадна по само 11 месеци, откако Вилдерс ги повлече своите министри поради несогласувања околу заострување на законите за азил.
И покрај очекуваните загуби на поранешните коалициски партнери, поддршката за Вилдерс останува стабилна. Сепак, според ДПА, малку е веројатно дека антиисламската PVV повторно ќе влезе во влада, бидејќи сите мејнстрим партии продолжуваат да ја исклучуваат соработката со Вилдерс.
Привремената влада, која е во заминување, ја води непартискиот поранешен државен службеник Дик Шуф.
Анкетата покажува дека втори по популарност се сојузот меѓу Зелената левица и Лабуристичката партија со 25 мандати, а трети се Христијанските демократи со 23 места. И двете партии имаат значително помала поддршка во однос на PVV.
Главната владејачка партија, Народна партија за слобода и демократија (VVD), се очекува да претрпи сериозни загуби.
Анкетарите забележуваат дека голем дел од гласачите сè уште се неодлучни пред гласањето што ќе се одржи следната среда, а главни теми на изборната кампања се азилот, миграцијата и недостигот на домување.
Истражувањето е спроведено на примерок од 1.473 холандски гласачи во периодот од 17 до 20 октомври.