„Еквифакс“, второ по големина глобално кредитно биро кое пресметува кредитен рејтинг за физички лица, еден од главните критериуми за условите за кредитирање во САД, се соочува со тужба отако Волстрит журнал извести дека бирото издало погрешни резултати за кредитниот рејтинг на милиони Американци.
Според тужбата поднесена денеска во федерален суд во Атланта, Џорџија, „Еквифакс“ го нарушил Законот за фер кредитен извештај. Се бараат парични оштети и судска наредба бирото да ги извести сите клиенти кои се засегнати од грешката во извештајот за кредитнот рејтинг.
-Веруваме дека многу од засегнатите, некои од нив сеуште не се свесни за тоа, претрпеле финансиски последици, изјавија Џон Морган и Џон Јанкунис, адвокати и поднесители на тужбата.
Според весникот, погрешни резултати за кредитен рејтинг биле праќани од половината на март до почетокот на април, додека откривањето на грешките започнало во мај. „Еквифакс“ вината ја префрли на компјутерска грешка која оттогаш била исправена.
Главниот тужител е жена од Флорида која наводно во април била принудена да земе понеповолен кредит за автомобил како резултат на неправилниот резултат за нејзиниот кредитен рејтинг. Во тужбата се вели дека таа сега плаќа 150 долари повисока рата за земениот кредит.