Финансиската полиција уапси лице осомничено за местење тендери и злоупотреба на буџетски средства во висина од околу 100 милиони денари. Според информациите, станува збор за Борче Марковски, управител на компанијата „Марковски“, за која постојат индиции дека незаконски профитирала преку државни договори.

Од ВМРО–ДПМНЕ реагираа со соопштение, потсетувајќи дека партијата подолго време укажувала на, како што велат, сомнителни односи меѓу Владата предводена од СДСМ и компанијата „Марковски“.

„Она што како партија изминативе години говоревме, дека СДС местеше тендери со нивната омилена компанија ‘Марковски’, излезе на површина. Финансиската полиција, по сомнение за местење на тендер, соодветно постапила и уапсен е Борче Марковски, човекот што ја води компанијата ‘Марковски’, кој е осомничен за испумпување на околу 100 милиони денари од Буџетот на државата,“ се наведува во соопштението од ВМРО–ДПМНЕ.

Од партијата дополнително посочуваат дека компанијата „Марковски“ во изминатите две години добила државни договори во вредност од околу 200 милиони евра, а за тоа, како што тврдат, институциите не реагирале навреме.

„ВМРО–ДПМНЕ многу пати говореше за сомнежи во работата на Владата на СДС и ДУИ, во однос на компанијата ‘Марковски’, но надлежните институции спиеја на тоа уво. Полека, но сигурно, правдата и одговорноста доаѓа. Никој нема да биде заштитен, без разлика на неговата партиска, политичка, верска или етничка припадност,“ се додава во реакцијата на партијата.

Во моментов истрагата е во тек, а Финансиската полиција најави дека ќе бидат проверени сите тендерски постапки поврзани со компанијата.