ОН објавија дека се загрижени за ризикот од појава на болести предизвикани од нечиста вода во Газа додека Израел продолжува да го бомбардира појасот.

„Загриженоста за дехидрација и болестите што се пренесуваат преку вода се големи со оглед на падот на услугите за водоснабдување и санитација, вклучително и денешното затворање на последната функционална фабрика за десалинизација на морска вода во Газа“, соопшти Агенцијата за бегалци на ОН за палестинските бегалци (UNRWA).

Агенцијата наведува и дека делови од јужна Газа добиле вода во три часот утринава, додавајќи дека само 14 отсто од населението во Појасот имало корист од тоа.

Во меѓувреме, УНРВА предупреди дека животите на илјадници пациенти во болниците во Газа се загрозени бидејќи болниците имаат само гориво за да работат генератори за итни случаи 24 часа откако Израел ја исклучи струјата.

Освен струја, Израел го прекина и протокот на вода, храна, гориво и лекови кон Појасот Газа, кој е под израелски артилериски оган, како одмазда за ненадејниот напад на Хамас врз Израел.