Царинските службеници на граничниот премин Табановце – Прешево спречија обид за криумчарење на луксузни часовници вредни 38 илјади евра. Српски државјанин се обидел во свој ранец да внесе два „Ролекс“ и еден „Омега“ без да ги пријави, информираат од Царината.
При детален преглед на автомобил со српски регистарски таблички, биле откриени часовниците: Rolex Submariner, Rolex Sky-Dweller и Omega Speedmaster. Возачот ги сокрил во мала кожна кутија ставена во црн ранец со лични предмети, со цел да ја избегне царинската контрола.
Проценетата вредност на непријавените часовници е 2,34 милиони денари или 38 илјади евра.
Против лицето е поднесена кривична пријава за основано сомневање за сторено кривично дело – криумчарење. Запленетите производи се предадени на Основното јавно обвинителство Куманово.