Конфискација на сите пари стекнати со продажбата на Диамед и лиценцата за вршење на дијализа и условна затворска казна за обвинетата сопственичка на фирмата „Диамед“, одлучи денеска кривичниот скопски суд кој по, речиси, две години од поднесувањето на обвинението го заврши судскиот процес против обвинетата Вера Иванова.
Судот оцени дека Иванова, која како сопственичка на фирмата „Диамед“ ја добила лиценцата на тендер од Министерството за здравство, не смеела да ја препродаде фирмата на шведската компанија „Диаверум“ без да се изврши анализа на можностите на купувачот. Покрај злоупотребата, Иванова е осудена и за перење на пари, но казната е условна. Или ќе одлежи две години затвор доколку во наредните пет години стори ново кривично дело. Покрај тоа, од Иванова и фирмата со сметка во Монако ќе се одземат сите пари стекнати со трансакцијата, односно околу 11,5 милиони евра.
„По однос на предлогот за конфискација, согласно членовите 97, 97А и 98 од Кривичниот законик, од обвинетата Вера Иванова се конфискува износ од 3.275.000 милиони евра, а од правното лице ББИ Компани Генерал Солушнс Сервис ЛТД се конфискува износ од 8.280.000 евра“, рече судијата Иле Трпков.
И двете суми се блокирани, односно замрзнати, домашната во Македонија додека поголемата сума на фирмата со седиште во Дубаи е замрзната во Монако. И обвинителството и обвинетата имаат право на жалба.
Обвинетата Иванова претходно поднесе кривични пријави против поранешниот директор на Фондот за здравствено осигурување Ден Дончев и поранешниот министер за здравство Венко Филипче поради нивното инволвирање во процесот на купопродажба, бидејќи го убедувале инвеститорот од Шведска „Диаверум“ да не ја купува „Диамед“.