Кривичниот суд го потврди притворот за Артан Груби
Кривичниот суд Скопје ја одби жалбата на одбраната на Артан Груби против изречената мерка притвор, потврдувајќи го решението на судијата на претходна постапка, соопштија од судот.
Груби останува недостапен за органите на прогонот. На 17-ти декември, судија на претходна постапка, постапувајќи по предлог на јавниот обвинител, изрече мерка притвор за двајца осомничени поврзани со истрагата за „Државна лотарија“. По известувањето од МВР дека осомничените не се достапни, мерката притвор во траење од 30 дена е определена и ќе започне со нивното пронаоѓање и лишување од слобода.
Груби и Бајрами во бегство: МВР распиша меѓународна потерница
Артан Груби е во бегство откако беше обвинет за корупција и злоупотреба на службената положба. Првичните информации укажуваат дека Груби побегнал во Косово, но подоцна се појавија тврдења дека се наоѓа во Албанија. Во бегство е и Бајрами, а Министерството за внатрешни работи (МВР) веќе распиша меѓународна потерница по двајцата осомничени.
Дополнително, против полицискиот службеник кој му овозможил на Груби да ја премине границата е поднесена кривична пријава. Случајот отвори прашања за потенцијални пропусти и злоупотреби во работата на надлежните институции.