Пријавата ќе биде доставена до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција

Кривична пријава против 10 лица поврзани со марихуаната запленета во Србија ќе биде поднесена денеска, најави министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.

Тој во интервју за ТВ 21 изјави дека постапката ќе започне во текот на денешниот ден и ќе биде доставена до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција.

„Во текот на денешниот ден ќе се отпочне со поднесување на кривична пријава до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, која опфаќа 10 лица, од кои двајца се веќе во притвор, каде што овие 10 лица се директно или индиректно поврзани со произведена дрога. Денеска ќе биде поднесена кривична пријава, при што имаме основани сомненија дека тие лица се поврзани со транспортот на дрогата која беше запленета во Србија“ – рече Тошковски.

Според неговите наводи, осомничените лица се поврзуваат со производството и транспортот на дрогата што претходно беше запленета од српските власти.

Двајца од вкупно десетте осомничени веќе се наоѓаат во притвор.

Надлежните институции, како што посочи министерот, располагаат со основани сомненија за нивната директна или индиректна инволвираност во случајот.