Финансова полиција поднесе кривична пријава против поранешниот в.д. директор на ЈП Комунална хигиена Скопје Сабахадин Рустеми, против кого има основано сомнение за сторени повеќе кривични дела и тоа „злоупотреба на службена положба и овластување“, „фалсификување исправа“ и „проневера во службата“ – во обид, склучувајќи договори за интелектуални услуги и јавни набавки со фирми, а со намера да овозможи корист на договорните физички лица во вкупен износ од 68.500 евра.

Управата за финансиска полиција преку соопштение информира дека до Основното јавно обвинителство Скопје поднела кривична пријава против С.Р. во својство на поранешен в.д. директор на ЈП Комунална хигиена Скопје поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 ст.4  и ст.3 вв ст.1 од КЗ на РСМ,  „Фалсификување исправа“ од член 378, ст.1 од КЗ на РСМ и кривично дело „Проневера во службата“ – во обид од член 354 ст.2 в.в ст.1 в.в. член 19 од КЗ на РСМ.

– Пријавениот С.Р. во својство на в.д. директор на ЈП Комунална хигиена Скопје, со намера да ги исцрпи сите предвидени финансиски средства од склучениот Договор за интелектуални услуги со правниот субјект ВЕДА ДООЕЛ Скопје, во текот на 2025 година, два дена пред истекот на важноста на договорот, како и ден пред неговото завршување, во име и за сметка на претпријатието склучил пет договори со физички лица, во вкупен износ од 3.608.708 денари, од кои два фиктивни договора со висока нереална вредност од по 775.000 денари за интелектуални услуги – давање совети, имплементирање нови техники за заштита на животната средина во вкупна вредност од 1.550.000 денари, со лица кои биле негови лични познаници и за кои бил свесен дека немаат никаква експертиза во областа на заштита на животната средина.

И покрај тоа што бил свесен дека услугите не се извршени, нема да бидат извршени, ниту постои објективна можност да бидат извршени во времетраење на договорот со авторската агенција, склучил три договори со физички лица во вредност од по 686.236 денари за сметководствени услуги и изготвување годишна сметка во вкупна вредност од 2.058.708 денари, иако бил свесен дека едно од лицата немало никаква експертиза во вршење сметководствени услуги и не е регистрирано како овластен сметководител во Регистарот на овластени сметководители – стои во соопштението од Финансова полиција.