Поранешниот градоначалник на Кичево, Фатмир Дехари, доби кривична пријава под сомнение дека со злоупотреба на службената положба го оштетил општинскиот буџет за повеќе од 1,4 милиони денари, соопшти полицијата. Пријавата опфаќа уште две физички лица и едно правно лице поради сомнежи за злоупотреби при вршење на комунални дејности.
Според информациите, пријавата е поднесена против Дехари (52) од селото Србица, кој на 8 јануари 2025 година, како градоначалник, донел план за јавни набавки спротивно на Законот за комунални дејности. Иако општината имала сопствено јавно комунално претпријатие, комуналните работи ги доверил на приватна фирма од селото Длапкин Дол.
Полицијата наведува дека со тоа постоела намера да се обезбеди имотна корист за правното лице на штета на општинскиот буџет. Второпријавениот, одговорен за одржување на зелените површини, не извршил соодветен надзор, додека третопријавениот, како управител на фирмата, свесно ги прекршил правилата во постапката за јавен повик.
За одржување на зеленилото околу зградата на Општина Кичево биле исплатени 1.457.205 денари, сума за која се сомнева дека е на штета на општината.
По целосно документирање на случајот, против пријавените ќе следуваат соодветни постапки.
