СВР Струмица поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Струмица против шест лица. Сомнежи има за злоупотреба и несовесно работење при јавната набавка на електрични автобуси за ЈСП „Струмица-Транспорт“.
Пријавениот К.К. (35) од Струмица, поранешен градоначалник на општина Струмица, се товари за кривично дело „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“. Тој, според полицијата, ги прекршил правилата на јавната набавка. Ги ангажирал Г.П. (58) од Скопје како одговорно лице за технички прашања, учество во евалуацијата на понудите и надзор над имплементацијата и целосната реализација на договорот. Сепак, Г.П. не поседувал потребни стручни квалификации ниту лиценца А од областа на електротехниката издадена од Комората за овластени архитекти и овластени инженери.
Покрај тоа, К.К. свесно ги повредил и прописите на постапката за јавна набавка. Причината била тоа што во тендерската документација биле наведени спецификации, кои речиси идентично одговарале на набавените електрични автобуси.
Д.П.С. (61) од Струмица, директор на ЈСП „Струмица-Транспорт“, се товари за несовесно работење во службата. Полицијата наведува дека тој пропуштил да изврши надзор над целата постапка. Така, на 12.03.2024 го потпишал Договорот за јавна набавка на 10 нови електрични автобуси преку финансиски лизинг. Во него учествувало лице без потребните стручни квалификации и лиценца за надзор од областа на електротехниката.
К.Б. (37) од Богданци, во својство на претседател на комисијата за јавни набавки, заедно со Л.Ј. (63) од село Ново Село и Л.Ѓ. (62) од Струмица, членови на комисијата, се товарат за несовесно работење во службата. Тие, како одговорни лица за следење на реализацијата на договорот, го определиле Г.П. за надзор. Иако тој имал само лиценца Б, не бил квалификуван да одговара на технички прашања, да учествува во евалуацијата на понудите или да врши надзор над целокупната имплементација на договорот.
Со овие дејствија биле набавени 10 електрични автобуси со вкупна вредност од 429.933.595 денари. Како што наведува полицијата, тоа предизвикало материјална штета од поголеми размери. Поради отсуството на лице со неопходните квалификации и лиценца А, биле доведени во прашање реалната вредност, квалитетот, безбедноста и веродостојноста на техничките спецификации на набавените автобуси.
Г.П. од Скопје, освен тоа, е пријавен и за помагање во извршувањето на кривичните дела „злоупотреба на постапката за јавен повик, доделување на договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство“ и „несовесно работење во службата“.
