Пратеникот Сашко Јанчев пред Обвинителство по трагичната сообраќајка во Марино

Обвинителството утврди дека непрописно свртување на автомобилот на пратеникот Сашко Јанчев од Левица и низа пропусти кај возачот на моторот довеле до трагичната несреќа во Марино, при која загина малолетник.

Истрагата покажала дека Јанчев, додека управувал со својот „Хјундаи Тусон“ по полноќ на 14 септември, свртел непрописно и го попречил патот на другите учесници во сообраќајот.

Пропусти и кај возачот на моторот

Обвинителниот акт исто така открива детали за другата страна: моторот „Јијинг“ удрил во автомобилот на пратеникот, а моторот немал регистарски ознаки и бил без вградени светла.

Моторот го управувал 16-годишниот Матеј Димовски без возачка дозвола, а тој и 13-годишното девојче кое се возело со него, кое е тешко повредено, не носеле заштитни кациги.

Сепак, Основното јавно обвинителство оценува дека примарната вина за загрозување на јавниот сообраќај паѓа на возачот на автомобилот.