Одделот за внатрешна контрола при МВР поднесе кривична пријава против Н.А., главен пилот во Одделот за воздухопловни единици, поради сомнение за кривично дело „Фалсификување исправа“ по член 378 став 3 од Кривичниот законик, информираат од МВР.

Според пријавата, тој незаконски впишал овластување TRI BELL 206 во својата дозвола и истото го употребил како вистинито во постапки пред надлежни институции во земјава и странство.

Пријавениот, во периодот од 27 февруари 2023 до 10 април 2023 година, во својство на началник на Одделот за воздухопловни единици, со намера да стекне овластување за инструктор на хеликоптери од типот TRI BELL 206, без да ги исполнува потребните услови, незаконски впишал во својата дозвола за член на екипаж дека поседува овластување TRI B-206, наводно стекнато на 26 февруари 2020 година.

Според наводите, впишаното овластување го употребил како вистинито пред Управата за полициски специјалности – Воздухопловна полициска единица во Брник, Словенија, како и во две управни постапки пред Агенцијата за цивилно воздухопловство, при што го користел како документ за впишување на овластување TRI/BELL206 во неговата цивилна воздухопловна дозвола. Случајот е доставен до надлежното обвинителство, кое треба да одлучи за понатамошниот тек на постапката.