Четири лица се осомничени за злоупотреби при јавна набавка во КЈП „Водовод“ – Кочани, со што на фирма од општина Могила ѝ била овозможена противправна имотна корист од околу 23.000 евра.

Надворешната канцеларија за криминалистички работи при ОВР Кочани поднела кривични пријави до Основното јавно обвинителство Кочани против А.К. (44), поранешен директор на претпријатието, З.Г. (53) и Б.А. (64), вработени во „Водовод“, како и против З.Ј. (55), поранешен вработен.

Според информациите од истрагата, во 2021 година второосомничениот, како претседател на Комисијата за јавни набавки, заедно со уште двајца членови, спровел постапка спротивно на Законот за јавни набавки. Станува збор за тендер за набавка на средство за превентивна санација од пожари на Градската депонија.

Во тендерската документација била вклучена техничка спецификација за производи што не постоеле на пазарот. Со тоа, според пријавата, била ограничена конкуренцијата и бил фаворизиран одреден економски оператор од село во Општина Могила.

Поранешниот директор, иако бил должен да ја провери законитоста на постапката, донел одлука за избор на најповолен понудувач и во име на претпријатието склучил договор. Врз основа на договорот биле исплатени 1.406.306 денари.

Со тие средства, како што стои во пријавата, на фирмата ѝ била овозможена противправна имотна корист во износ од околу 22.800 евра. Случајот е предаден на понатамошна постапка во Обвинителството.