Најава за штрајк во „Улици и Патишта“: Проблемите се продлабочуваат

Вработените во Улици и Патишта, претпријатие под Град Скопје, најавуваат штрајк поради доцнење на платите. Иако не е прецизирано кога ќе започне, според информации, штрајкот најверојатно ќе се случи во понеделник, бидејќи работниците даваат рок од три дена за исплата.

Тие ја обвинуваат градоначалничката Данела Арсовска и секретарот Зоран Глигоров, тврдејќи дека преку разрешениот директор Ванчо Умленски претпријатието е доведено во сериозни финансиски проблеми. Според нив, Улици и Патишта должи 240 милиони денари, а сметката е блокирана со долг од 10 милиони денари и извршни решенија во вредност од 40 милиони денари.

„Ситуацијата е алармантна. Претпријатието должи 240 милиони денари, од кои 10 милиони се веќе на блокирана сметка, а дополнителни 40 милиони денари се под извршни решенија,“ изјавуваат вработените.

Според нив, компанијата е оставена без основни средства за работа. „Недостасуваат нафта, ризли, тампони и рабници. Машините и возилата се со дефекти и не се сервисираат со месеци,“ додаваат тие.

Директорската позиција дополнително ја комплицира состојбата. Претходниот директор беше разрешен минатата недела, а новоименуваниот си поднесе оставка ден по преземањето на функцијата.


Политички поддржувања, но без конкретни решенија

Советниците од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ја поддржуваат борбата на вработените.
Љубица Јанева од СДСМ истакна:

„Државата мора итно да обезбеди средства за покривање на долговите. Единствено решение се субвенциите.“

Од ВМРО-ДПМНЕ пак потсетуваат дека веќе издвоиле средства:

„На седницата што се одржа во септември, ние одобривме дополнителни 20 милиони евра за субвенции на плати за вработените во „Улици и Патишта“. Тоа значи дека како Совет ги одобривме тие средства пред околу месец до месец и пол. Кога побарав информации од секретарот на Град Скопје за намената на овие средства, ми беше потврдено дека тие пари се за исплата на плати. Врз основа на оваа информација, го изгласавме за да не дојде до застој во исплатата на платите,“ изјави Стојановски.


ЈСП Скопје: Преполни автобуси и недостиг од нафта

Граѓаните на Скопје секојдневно се соочуваат со нередовни автобуски линии и турканици на постојките. Проблемите кулминираа викендов, кога половина од автобусите останаа без гориво.

Според секретарот Зоран Глигоров, проблемот настанал поради поништување на тендерот за нафта од страна на Бирото за јавни набавки.

„Бирото првпат ја поништи постапката за набавка на гориво, но активно работиме на нов тендер,“ изјави Глигоров.


Што вели Бирото за јавни набавки?

Од Бирото објаснуваат дека тендерот бил поништен поради избор на неприфатлива понуда, која била единствена.

„Управната контрола, земајќи го во предвид ова, дала јасни упатства за тоа што треба да преземе ЈСП, кои биле вклучени во записникот од спроведената контрола. Односно, поради тоа што ЈСП избрал неприфатлива понуда, а немало други понуди во текот на постапката, Бирото за јавни набавки дало упатства комисијата за јавна набавка да ја понисти донесената одлука за избор и да го поништи целиот процес. Овие упатства се во согласност со член 177, став 3 од законот. Треба да се напомене дека ЈСП не ја искористил можноста да ги оспори инструкциите на Бирото преку механизмите кои му се на располагање, бидејќи, како што е утврдено од Бирото, станува збор за точно утврдена фактичка состојба и исход на постапката кој не може да биде поинаков ако се следат законските одредби.“ се наведува во соопштението.

Во меѓувреме, ЈСП објави нов тендер за 16 милиони литри нафта за две години, а постапката е во тек.


Граѓаните во неизвесност: Решенија на хоризонтот?

Додека институциите префрлаат одговорност, граѓаните продолжуваат да трпат. Претстојната седница на Советот на Град Скопје на 27 ноември треба да понуди решенија, но советниците велат дека дневниот ред сè уште не е утврден.

Во меѓувреме, Град Скопје објави соопштение во кое ја префрла одговорноста за кризата врз премиерот Мицкоски.


Кризата во претпријатијата под Град Скопје продолжува да се продлабочува. Штрајковите и проблемите со јавниот превоз ги оставаат граѓаните во неизвесност, додека политичките актери се обвинуваат меѓусебно.