Продолженото затворање на Ормускиот Теснец веќе предизвикува сериозни нарушувања во глобалното снабдување со гориво. Раководители на американски нафтени компании предупредуваат дека кризата веќе започнала, објави „Волстрит журнал“.
Според нив, комерцијалните резерви на гориво низ светот се намалуваат повеќе од шест месеци. Истовремено, можностите за дополнително користење на стратешките резерви на сурова нафта стануваат сè поограничени.
„Волстрит журнал“ наведува дека раководителите на нафтените компании со месеци предупредувале оти долготрајниот прекин на пловидбата низ Ормускиот Теснец неизбежно ќе предизвика сериозни последици. Сега, според весникот, тие сметаат дека кризата со горивото веќе е започната.
Дополнителен проблем за снабдувањето предизвикало оштетувањето на нафтоводите во Саудиска Арабија минатата недела. Поради тоа, според весникот, дневното производство било намалено за околу 2,5 милиони барели.
Во меѓувреме, вчера беше објавено дека супертанкерот „Ел Гала“ налетал на мина во Ормускиот Теснец.
Експлозијата се случила додека бродот се обидувал да помине низ зона во теснецот во која движењето било ограничено.
