Ужасно злосторство се случило синоќа во куќа во центарот Прилеп. Основното јавно обвинителство потврди дека се случиле двојно убиство и самоубиство, како што претходно напишаа некои медиуми.

Обвинителството соопшти дека во куќата биле пронајдени безживотните тела на 11-годишно дете и двајца мажи на возраст од 43 и 63 години.

„Според првичните сознанија, 63-годишникот најпрво ги лишил од живот својот внук од сестра и неговиот син, поради семејни недоразбирања и нерасчистени имотни прашања. По извршување на делото, мотивите за стореното ги објавил и на една социјална мрежа, а потоа се самоубил“, велат од ОЈО.

Ќе се вештачат трагите кои ќе бидат најдени на местото на настанот. Телата на починатите одат на обдукција.

Неколку македонски медиуми утринава објавија дека крвавиот пир се случил на семејна веселба и дека, наводно, напаѓачот бил тешко наоружан и пукал кон полицијата по што се самоубил.

Повеќе информации за мотивите и причините за двојното убиство, се очекува да бидат соопштени во текот на денот.

Извор: Плусинфо