КСС нема да протестира на 1 Мај: „Имаме добар социјален дијалог“
Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) нема да учествува на утрешниот синдикален протест по повод 1 Мај – Меѓународниот ден на трудот. Од таму порачуваат дека во државата постои добар социјален дијалог, организирано синдикално движење и дека проблемите се решаваат низ институционална комуникација.
ССМ излегува на протест по повод 1 Мај
Ралповски: „Кога ќе бидат загрозени нашите права – веднаш ќе излеземе на протест“
Претседателот на КСС, Благоја Ралповски, појасни дека нивната одлука да не протестираат се должи на конструктивниот однос со Владата. Тој нагласи дека и без репрезентативен статус, гранските синдикати на КСС имале средби со Владата и постоела спремност за повторно и поголемо зголемување на платите во јавниот сектор од 1 Мај. Зошто тоа нема да се реализира – Ралповски смета дека треба да одговорат синдикатите што ќе протестираат.
„Утре ќе бидам дома со семејството. Ние проблемите ги решаваме на маса, преку дијалог. Секогаш кога сме почувствувале потреба – излегуваме. Ако нашите права бидат загрозени, нема да чекаме 1 Мај“, изјави тој на конференцијата „Работничките права во време на промени“.
Тој потсети дека КСС во минатото организирала и протести и штрајкови кога било потребно и дека нема отстапување од таа практика.
ССМ со марш и барања за повисоки плати
Од друга страна, Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ќе протестира утре, започнувајќи во 11 часот од Работничкиот дом, со марш што ќе помине покрај Собранието и Стопанската комора, а ќе заврши пред Владата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, порача дека синдикатите излегуваат на улица за:
минимална плата од најмалку 500 евра,
зголемување на останатите плати за 100 евра,
почитување на колективните договори и
повисоки плати за сите работници.
„Во 1886 година работниците протестирале за осумчасовно работно време. Денес, во Македонија, тоа сѐ уште не е реалност“, рече Трендафилов.