Јавната администрација излегува на протести. Конфедерацијата на слободни синдикати од утре па до петок ќе протестира секој ден од 16 до 17 часот од Собрание до Влада.
Бараат усогласување на платите со минималната плата.
-Бараме да се усогласат платите во јавниот сектор согласно покачувањето на минималната плата, а не какошто е направено со Законот за административни службеници со кој платите се покачуваат од 100 до 200 денари. Така што, во овој момент имаме ситуација кадешто дел од административните службеници или вработените во јавниот сектор земаат или минимална плата или под минимална плата. Досега имаме само едно покачување, а тоа е 5% во 2019 година. И пред и потоа јавниот сектор е заборавен и затоа е доведен во ситуација да бидеме социјална категорија, вели претседателот на КСС, Благоја Ралповски.
Неделава се очекува да продолжат преговорите за Општиот колективен договор. Од ССМ велат дека предлогот е доставен до Владата и очекуваат повик за продолжување на дијалогот.
Но од КСС велат дека не се вклучени во процесот. ССМ преку Колективниот договор бара линерано зголемување на платите за 2.806 денари, но и враќање на к-15 за целиот јавен сектор во 2023 година. Во новиот општ колективен договор треба да се утврди и нова методологија за пресметка на платите со која ќе се обезбеди редовна корекција на платите според критериуми кои дополнително ќе бидат утврдени.