Синдикатот на полицијата утре излегува излегува на протест. Оттаму ги повикуваат нивните членови и вработени во Министерството за внатрешни работи масовно да излезат и да дадат свој придонес во остварувањето на правата пред се за достоинствен живот и повисоки плати.

Дел од барањата на Синдикатот се зголемување на платите, зголемување на вредноста на бодот (1 евро – 1 бод) и враќање на професионализмот во полицијата. Протестот, според најавите, ќе започне во 15:30 часот од пред Собранието, по што ќе се упатат кон Владата.

Од СПМ ги охрабруваат вработените во МВР и им порачуваат да не подлегнуваат на притисоци и закани, но и да се изборат за своите права.

Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) на 30 март ќе излезе на протест пред Собранието, во знак на незадоволство што досега не е направено усогласување на другите плати со минималната плата во јавниот сектор.

– Дел од гранските синдикати и КСС донесоа одлука да излеземе првично на улица на 30 март во 15:30 часот пред Собранието и да го искажеме нашето незадоволство затоа што уште во ноември минатата година испративме допис до сите пратеници барајќи усогласување на платите согласно минималната плата која во тој момент беше 15 200 денари, изјави претседателот на КСС, Благоја Ралповски.

Независниот синдикат на одбраната дава целосна и безрезервна поддршка на дел од гранските синдикати при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС за претстојниот протест.

-Вработените во јавната администрација треба да ги добијат правата коишто им следуваат согласно законите и колективните договори и истите треба да бидат дел од социјалниот дијалог во државата. Зголемувањето на минималната плата го поддржавме и како грански синдикат и како Конфедерација. Сепак со истото не се решија проблемите со усогласувањето на колективните договори со растот на минималната плата, како што и впрочем Законот за минимална предвидува, истакнува претседателот на Независен синдикат на одбраната, Ванчо Исајов.

Од таму велат дека порамнувањето на платите единствено може да создаде демотивација кај вработените во јавната администрација, чиј што дел е и Армијата.

-Решението на проблемите со коишто се соочуваат вработените во јавната администрација е едноставно – зголемување на бодот на вработените од страна на Владата. Повторно нагласуваме дека им даваме силна поддршка на нашите братски синдикати во остварувањето на нивните барања кои поради немањето на слух од страна на надлежните, ќе ги искажат на улиците на 30 март, порачува Исајов.

Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија од името на 30.000 членство на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура на Република Македонија – СОНК доби силна поддршка за најавениот предупредувачки протест и активностите што ги преземаат дел од гранските синдикати, здружени во КСС, за подобрување на нивните права од работен однос.

– Барањата за усогласување на платите врз основа на зголемување на минималната плата на национално ниво, како и почитувањето на Законот за минимална плата и колективните договори, се барања за кои заедно се бориме подолго време, за кои треба да бидеме сериозно сфатени и барања кои итно треба да бидат прифатени од страна на Владата. Сакаме да ги увериме членките на Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС), каде што впрочем и СОНК припаѓа, дека имаат отворена поддршка од сите нас, а особено заради оправданите барања коишто ги упатуваат до Владата.

Енергично стоиме зад одбрана на правата и интересите на сите работници во државата и гласно протестираме за секакво влијание, мешање или манипулација на власта на сите нивоа, во синдикалното организирање и дејствување. Само здружен, единствен и вистински синдикат, како што е КСС, може и треба да претставува сериозен фактор во државата, кој ќе биде почитуван од страна на надлежните, соопштуват од Самостојниот синдикат за образование, наука и култура.

Синдикатот на Клинички центар, како грански синдикат за здравство при КСС дава целосна поддршка на предупредувачкиот протест на здружените грански синдикати при КСС, кој ќе се одржи на 30.03.2022 година во среда со почеток во 15 и 30 часот, а е резултат на покачувањето на минималната плата и примената на Законот за минимална плата.

– Зголемувањето на минималната плата доведува до групирање на платите околу нејзината вредност. За нормално функционирање на скалата на плати и платните категории износот на минималната плата треба да биде усогласен со износот на останатите плати.Покачувањето на минималната плата без скалесто покачување на останатите плати води до нарушување на моделот за организирање на работните места во групи на сложеност и одговорност на работното место, соодветно на степенот на образование и стекнатите вештини. Овој модел е основниот принцип на кој се базирани колективните договори.

Пресметката на додатоците на плата во износот на минималната нето плата претставува погрешно толкување на Законот за минимална плата и доведува до несоодветно вреднување на трудот во наједноставните работни места со најнизок коефициент на сложеност. Примената на Законот за минимална плата без усогласеност на минималната плата со останатите плати доведува до несоодветно вреднување на трудот за посложените работни места. Овие причини создадоа демотивираност, разочараност и револт кај вработените во јавниот и приватниот сектор. Синдикатот на Клинички центар се надева дека здружените грански синдикати на КСС ќе се изборат во остварувањето на правата на своите членови, коишто им следуваат согласно законите, колективните договори и меѓународното трудово законодавство, стои во соопштението на Синдикатот на Клинички центар.

Пензионерскиот синдикат на Македонија исто така дава целосна и безрезервна поддршка на гранските синдикати при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија – КСС во пресрет на претстојниот протест кој ќе се одржи на 30 март.

– Немањето на слух од страна на Владата и неисполнувањето на законските обврски коишто им следуваат на работниците се една голема причина поради којашто нашите братски синдикати се принудени да го изразат својот револт на улица. Иако решението на проблемот е едноставно, а тоа е да се зголеми бодот на вработените, Владата не најде за сходно да им излезе во пресрет на вработените од јавната администрација. Проблемот со несогласувањето на платите мора да се реши еднаш засекогаш, бидејќи не можат вработените коишто имаат повисок коефициент на сложеност на работното место да земаат иста плата со оние чиј што коефициент е понизок, иако ниедно работно место не е за занемарување, со оглед на тоа дека сите играат важна улога во институциите. Ваквите плати предизвикуваат социјални пензии коишто денес во РМ се најчести.

Уште еднаш нагласуваме дека силно и недвосмислено го поддржуваме протестот на братските синдикати и изразуваме надеж дека ќе се исполнат нивните барања, посочуваат од Пензионерскиот синдикат.

Тука е и Независниот синдикат на Граѓански непрофитни организации кој дава целосна и безрезервна поддршка на дел од братските синдикати при Конфедерација на слободни синдикати на Македонија за протест којшто ќе се одржи на 30 март.

– Законите од трудовата сфера предвидуваат права, а тие права им следуваат на вработените во јавната администрација и истите треба да им се овозможат. Ние како Конфедерација го поддржавме зголемувањето на минималната плата, но сега бараме истата да се усогласи со останатите плати. Нашите братски синдикати долго време се борат за да се усогласат платите на вработените со растот на минималната плата, и иако решението е едноставно – да се зголеми бодот на вработените, Владата истото не сака да го земе во предвид. Застануваме рамо до рамо со нашите братски синдикати и им порачуваме да бидат истрајни во борбата за остварување на работничките права, информираат од Независниот синдикат на Граѓански непрофитни организации.

Независниот академски синдикат НАкС се приклучува како кон барањата на синдикатите од Конфедерацијата на слободни синдикати и на СОНК за усогласување на платите врз основа на зголемувањето на минималната плата, така и кон повикот за доследно почитување на Законот за минимална плата и соодветно анексирање на колективните договори. Загрижувачки е тоа што заради немање слух на надлежните министерства, коишто треба да бидат социјални партнери на сите нивоа и да делуваат во согласност со законите и колективните договори, синдикатите мора да бараат заштита на правата и интересите на вработените преку јавно искажување на незадоволство, односно преку предупредувачки протест.

НАкС сметаат дека покачувањето на минималната плата е добредојдена социјална мерка за подобрување на незавидната материјална положба на вработените со најниски примања, но сепак примената на оваа мерка треба да биде неминовно проследена со усогласување на постојните колективните договори.

– Неусогласувањето на колективните договори или неговото одложување недвојбено ќе доведе до сериозни недоследности и дисонанции во наградувањето на вработените во високото образование. Имено, трудот на вработените што имаат различно ниво на образование и извршуваат работа со различна сложеност не може и не смее да се воедначува или девалвира. Затоа го повикуваме Министерството за образование и наука да не ги игнорира нашите барањата за дијалог со вработените во високото образование, туку веднаш да не повика на преговори за усогласување на Колективниот договор за високо образование и наука со усвоените измени и дополнувањата на Законот за минимална плата од февруари 2022.

Со ова наше обраќање НАкС сака да им им искаже јасна и безрезервна поддршка на синдикатите од Конфедерацијата на слободни синдикати кои ќе излезат на предупредувачки протест на 30 март 2022 година и да им посакаме успех, посочуваат од НАкС.

Инаку вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во гостување со емисијата Анализа на ТВ 24 им се закани на вработените во детските градинки и просветните работници во основните и средни училишта ќе добијат замена доколку штрајкуваат, откако претходно претседателот на СОНК Јаким Неделков порача дека СОНК веќе не може да чека и утре ќе донесе одлука за можен генерален штрајк бидејќи владата еден месец нема слух за нивните барања, посочувајќи дека не може веќе на членовите на синдикатот да им ги пренесува пораките од владата дека во иднина ЌЕ се договорат.