Двегодишното девојче кое вчера исчезна во Уб, Србија, е пронајдено живо, потврдија од српското МВР.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи Ивица Дачиќ потврди дека девојчето е пронајдено свесно и комуникативно и дека е пренесено на преглед во болница.
-Девојчето е пронајдено на околу 2 до 3 километри од дома. Полициски екипи вршат увид на локацијата каде е пронајдено детето. Ќе се утврдат сите околности, но најважно е дека девојчето е живо и ќе се врати кај семејството- изјави Дачиќ.
Херој на потрагата е кучето на српската планинска спасувачка служба, кое утрово го намирисало и го обележало девојчето во последната зона за пребарување.
За потсетување, девојчето Дуња исчезна вчера попладне во Уб додека си играше со своите браќа и сестри пред семејната куќа.
Синоќа во Србија по трет пат беше активиран системот Најди ме.
Во потрагата, која траеше цела ноќ, учествуваа засилени полициски сили, Планинската спасувачка служба (ГСС) и локалното население. Вклучени биле и кучиња трагачи, како и беспилотни летала со термални камери.
Снимката од безбедносните камери на кои се гледа нејзиното исчезнување била пресудна за потрагата. На видеото се гледа како девојчето се оддалечува од зад куќата, каде што била со нејзините браќа и сестри кои ја чувале.