Странски државјанин фатен со голема сума готовина пред лет за Лондон
Царинските службеници на Меѓународниот аеродром Скопје откриле 150 илјади британски фунти кај патник кој не ги пријавил средствата, иако тоа е законска обврска. Патникот бил странски државјанин кој требало да отпатува за Лондон.
Парите биле пронајдени при редовна контрола на патниците на аеродромот, информира Царинската управа.
Задржани повеќе од 141 илјада фунти
Согласно Законот за девизно работење, на патникот му биле вратени девизи во противвредност од 10 илјади евра. Преостанатите 141.315 британски фунти биле привремено задржани од страна на царинските службеници.
Од Царинската управа соопштија дека против лицето е поднесена соодветна прекршочна пријава.
– Континуирано спроведуваме активности насочени кон откривање и спречување на нелегалниот прекуграничен пренос на готовина, со што директно придонесуваме во борбата против финансискиот криминал, наведува Царинската управа.
