Осум лица се уапсени во Брчко, Босна и Херцеговина, откако во една куќа беа пронајдени 31 дете, соопшти полицијата. Меѓу приведените се и судски полицаец и неговата мајка, кои се сомничат за учество во трговија со деца.
Европол вклучен во истрагата
Полицијата на округот Брчко соопшти дека истрагата се спроведува во координација со Обвинителството на БиХ и со поддршка од Европол. Според првичните информации, децата, меѓу кои има и бебиња, биле пронајдени во несоодветни услови, а најстарите меѓу нив имаат 12 години. Дел од децата имаат хрватски пасоши, но се врши проверка на нивниот идентитет и автентичноста на документите.
Куќа на ужасот во Брчко: Пронајдени триесетина деца кои биле жртви на трговија со луѓе
Полицијата и социјалните служби во акција
Случајот беше откриен завчера, кога полицијата во соработка со Одделот за социјална заштита и Црвениот крст ги пронајде децата и ги премести на безбедно. Во официјалното соопштение, портпаролот на полицијата во Брчко, Џевиде Хукичевиќ, изјави дека истрагата е комплексна и опфаќа повеќе институции, вклучувајќи ја Државната агенција за истраги и заштита (СИПА), Министерството за внатрешни работи на Република Српска и Министерството за внатрешни работи на Херцеговина-Неретва.
Притвор за осомничените
Полицијата денеска поднесе кривична пријава против осомничените во Окружното обвинителство на Брчко, кое треба да определи понатамошни мерки, вклучително и притвор. Уапсените се товарат за кривични дела поврзани со трговија со луѓе, злоупотреба и запоставување на деца.
Истрагата продолжува со цел утврдување на сите околности и можни дополнителни вмешани лица во случајот.