Шефот на украинската дипломатија Дмитро Кулеба, по најавите за одржување на референдум за присоединување на окупираните подрачја во источна и јужна Украина кон Русија, истакна дека украинските сили ќе продолжат да ослободуваат територии.

– Лажните референдуми нема да променат ништо. Нема да има хибридна мобилизација. Русија беше и останува агресор, кој незаконски окупираше делови од украинската земја. Украина има целосно право да ги ослободи своите територии и ќе продолжи да ги ослободува, што и да каже Русија, објави Кулеба на Твитер.

– Сепаратистичките лидери на самопрогласените Доњецка народна република и Луганска народна република вчера се согласија да ги здружат силите за одржување референдуми за приклучување кон Русија.

– Најави за одржување на референдум за присоединување кон Русија денеска најавија и делови од областите Херсон и Запорожје, кои се под руска контрола.