Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба изјави дека се сретнал со американскиот државен секретар Ентони Блинкен во Берлин и дека „повеќе оружје и друга помош се на пат за Украина“.

Кулеба денеска во Берлин треба да ги информира министрите за надворешни работи на НАТО за ситуацијата во Украина и за тоа како Алијансата може дополнително да помогне во борбата против руската инвазија која трае 12 недели.

-Се договоривме за тесна соработка за да обезбедиме храната што ја извезува Украина да стигне до потрошувачите во Африка и Азија. Благодарен сум на секретарот Блинкен и на САД за нивното лидерство и силната поддршка, напиша Кулеба на Твитер.

Двајцата разговараа за ефектите од руската инвазија на Украина, вклучувајќи ги и ефектите врз безбедноста на храната во светот, изјави портпаролот на американскиот Стејт департмент Нед Прајс.

-Секретарот пренесе детали за последниот дел од американската безбедносна помош за зајакнување на одбраната на Украина, рече Прајс.