Средба со културни работници за идни стратегии и проекти
Кандидатот за градоначалник на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, денеска имаше средба со културни работници, професори од Драмската и Музичката академија, претставници од Друштвото на ликовни уметници, Националниот џез оркестар, директорот на МНТ, филмски автори, МКЦ и независната културна сцена.
„Културата е срцето на Скопје! Скопје е град на слоеви – град на историја, уметност и визии,“ изјави Ѓорѓиевски по средбата.
Заедно со советникот за култура Лазе Трипков, тој разговарал за иднината на културниот развој, поддршката на уметниците, зачувувањето на културното наследство, отворање на нови простори за културна експресија и соработка со младите таленти.
„Со ваквите средби го градиме мостот помеѓу институциите и културните работници, создавајќи заеднички стратегии и проекти што ќе му дадат ново лице на културниот живот во нашиот град,“ порача градоначалникот.
Ѓорѓиевски додаде дека сите идеи и иницијативи што биле изнесени ќе бидат интегрирани во новите културни политики на Град Скопје.