Полицијата спроведува засилени превентивни, но и репресивни кампањи.
– СВР Куманово и годинава спроведува превентивна кампања, со цел да им се укаже на граѓаните од можните последици од употреба на петарди и други пиротехнички средства. Се преземаат репресивни мерки за употреба на петарди и други пиротехнички средства и им се укажува на граѓаните за законските одредби во кои е санкционирана употребата на пиротехнички средства и нивната нелегална продажба, изјави портпаролот на СВР Куманово, Ивана Младеновска.
Во текот на минатата година полицијата запленила вкупно 1.549 парчиња петарди, додека во 2019-та година биле запленети 1.182 парчиња. Против сторителите се поднесени соодветни пријави.
-Законот за прекршоци против јавниот ред и мир во член 31 предвидува глоба во износ од 200 до 500 евра во денарска противвредност за оној кој неовластено пука од огнено оружје, употребува пиротехнички средства или сличен експлозивен или лесно запалив материјал, или на сличен начин го нарушува мирот и безбедноста на граѓаните. Согласно Кривичниот законик, во член 396 е предвидено недозволеното изработување, држење и тргување со оружје или распрскувачки материи, при што: тој којшто неовластено изработува, држи, продава, набавува или врши размена со огнено оружје, муниција или експлозивни материи, ќе се казни со затвор од три до десет години. Ако предмет на делото од ставот 1 е поголемо количество на огнено оружје, муниција или експлозивни материи, или огнено оружје, муниција или експлозивни материи кои на граѓаните им се забранети, сторителот ќе се казни со најмалку пет години затвор, вели Младеновска.
Полицијата апелираше до граѓаните да се воздржат од употреба на пиротехнички средства,бидејќи со употреба на пиротехничките средства си го загрозуваат животот и здравјето себеси, но и на другите.