48-годишен жител на Куманово пријавил во полиција дека бил измамен за 43.750 евра при обид да купи криптовалута, информира СВР Велес. Парите ги предал во менувачница во Велес, но договорените крипто средства не биле префрлени на неговата адреса.
Според пријавата, мажот преку социјални мрежи објавил оглас за купување криптовалута и стапил во контакт со лице кое предложило трансакцијата да се изврши во крипто менувачница во Велес. Тој во готово му ги предал 43.750 евра на вработен во менувачницата, по што му било кажано дека средствата се испратени на неговиот крипто-паричник.
Сепак, средствата никогаш не пристигнале. Кога се обидел повторно да стапи во контакт со лицето со кое се договарал, разговорот бил избришан, а неговиот телефонски број блокиран. Истото лице го блокирало и бројот на менувачницата, по што кумановецот сфатил дека станува збор за измама и го пријавил случајот во полиција.
За настанот е известен јавен обвинител, а полицијата презема мерки за откривање на сторителот и целосно расчистување на случајот.
