Околината на зградите на булеварот Октомвриска револуција наскоро ќе добие нов изглед, најави денеска кандидатот на ЗНАМ за градоначалник на Куманово, Максим Димитриевски.

– Во следниот период сите партерни содржини околу зградите ќе бидат уредени, ќе бидат проширени сите постоечки паркинг простори и уредно обележани, како составен дел од втората зона за паркирање, која ќе ги опфати и месните заедници „Панче Пешев“ и „БС Гојчо“. Паркирањето ќе биде бесплатно за сите што се со место на живеење на оваа адреса – нагласи Димитриевски.

Сите зелени површини вклучувајќи го и „Ореов лад“, ќе бидат задржани и нема да се дозволи урбанизација на тој потег, а на таа локација ќе се изгради нова детска градинка и дополнително нови зелени површини, додаде Димитриевски.

Кај локалитетот Табакана ќе се отстранат времените градби и ќе се направи нов паркинг простор, детско катче и повеќе зелени површини, додаде тој, а ист ќе биде пристапот и за просторот кај „Скара кај Жмара“, каде ќе се изгради и спортско-рекреативен комплекс и ново место за игра на најмладите, како и за комплексот К4, каде ќе никне ново катче за најмалите, нови зелени површини и проширен паркинг простор.

– Затоа, ќе се отворат нови градежни зони каде инвеститорите ќе може да градат, а градот да се шири кон надвор, бидејќи урбаниот развој на Куманово мора да биде балансиран меѓу изградбата и зачувувањето на просторот за живот – рече Димитриевски.

Упати и повик до граѓаните за масовен одѕив на 2 ноември на вториот круг од изборите. „Ве повикувам масовно да излезете в недела и да ја дадете вашата поддршка за мене – вашиот кандидат Максим Димитриевски, затоа што Куманово заслужува континуитет и да продолжи да расте и да се развива“, порача Димитриевски.