Продажба на акции меѓу поранешниот шеф на ДБК, Сашо Мијалков, семејството на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, и белградската Алта банка поврзана со режимот на Александар Вучиќ е во центарот на најновите обвинувања што денеска ги изнесе коалицијата ВЛЕН.

„Доказите покажуваат јасна линија – Мијалков на 24 октомври 2024 година ѝ продал акции на компанијата АС Сенјак на семејството на Али Ахмети. Истите акции, неполна година подоцна, на 17 септември 2025 година, семејството на Ахмети му ги продало на белградската Алта банка, институција директно поврзана со режимот на Вучиќ,“ соопштија од ВЛЕН.

Коалицијата тврди дека станува збор за „финансиски лавиринт тежок повеќе од 20 милиони евра“, во кој, како што наведуваат, семејството на Ахмети и ДУИ посредувале меѓу Мијалков и српскиот финансиски капитал.

„Сега е јасно – семејството на Али Ахмети директно, а ДУИ индиректно, станаа партнери на Мијалков и Вучиќ. Со тоа се внесува српското влијание во Македонија и преку банкарскиот систем. Ахмети и неговото семејство ја ставаат државата и Албанците во финансиска и политичка зависност од Белград,“ велат од ВЛЕН.

Според нив, молкот на Ахмети и ДУИ е доказ дека зад патриотската реторика се кријат „криминал, корупција, лични интереси и врски со антиалбански структури во регионот“.

„ДУИ не е повеќе партија што ги брани интересите на Албанците, туку приватна компанија на Али Ахмети за криминал и семејно богатење. Маските паднаа – започна времето на вистината,“ завршува соопштението на ВЛЕН.