Новинари на телевизијата „Топ чанел“ за потребите на истражувачка новинарска сторија успеале да купат потврда дека имаат бугарско потекло, која се бара при вадење бугарски пасош, пренесува Плусинфо.

Иако немале никако бугарско потекло, за 100.000 леки (околу 970 евра) новинарите купиле две такви потврди потпишани и заверени со печат од Љуан Мјештри, администратор на Острени, во областа Голо Брдо, општина Булќиза.

– Потврдите ги добивме со доставување фотокопии од потврди, на жител на Патос, со баба и дедо од административна единица Требиште, и втората за жител на Стеблево, со баба и дедо од Стеблево, општина Либражд. Потеклото на двете семејства немале никаква врска со административната единица Острени – наведува телевизијата.

Во прилогот се додава дека овие потврди се издаваат за сума од 90 или 100 илјади леки и се користат за добивање бугарски пасош. Уште повеќе е спорно што ниту еден закон не дозволува дека администратор може да издава „сертификати за етничка припадност“.

Администраторот на Острени Љуан Мјештри е брат на градоначалничката на Булќиза Фестиме Мјештри, која ги придружуваше бугарските високи претставници, на чело со потпоретседателката Илијана Јотова, при нивната посета на селата во Голо Брдо.