Косовскиот премиер Албин Курти, по денешната заедничка седница на неговата и Владата на Албанија, изјави дека „косовско-албанските односи се братски, поради што немаат потреба од посредништво“, јави дописникот на МИА од Приштина.

На заедничката прес-конференција со албанскиот премиер Еди Рама, Курти информира дека на денешната седница се потпишани 19 меѓудржавни договори, за кои рече дека се „многукратно повеќе одошто другите договори склучени во регионалните иницијативи“.

На новинарско прашање во врска со иницијативата Отворен Балкан, Курти рече дека денешната седница „не беше регионална, туку билатерална и братска“ и нагласи дека очекува многу наскоро да се продолжи со Берлинскиот процес.

-Многу сме заинтересирани да се обединиме од царински аспект. Несомнено во наредните месеци ќе се зголеми обемот на трговската размена и обостраните инвестирања. Овие 19 договори, меморандуми и протоколи се многукратно повеќе одошто другите договори склучени во регионалните иницијативи. Денеска вест е јакнењето и унапредувањето на нашето заедништво, а не разликите кои ги знаеме, рече Курти.