Косовскиот премиер, Албин Курти изјави дека во Србија се подготвува нов терористички напад во северно Косово, откако оној на 24 септември во Бањска кај Звечан доживеа целосен неуспех, јави дописникот на МИА од Приштина.
На денешната прес-конференција, која ја одржа заедно со министерот за внатрешни работи на Косово, Џељаљ Свечља, Курти рече дека нападот го подготвува поранешниот потпретседател на најголемата партија на косовските Срби, Српска листа, Милан Радоичиќ, кој ја презеде одговорноста за организирањето и водењето на нападот во Бањска.
Според информациите на Агенцијата за контраразузнавање на Косово, рече косовскиот премиер, групата која се подготвува да го изведе новиот напад, се обучува во објектот на фирмата „Јаблановица“ во Рашка, во Србија, на границата со Косово, а на истото место е доставено и оружјето што се планира да се користи во нападот.
Надницата за припадниците на српската група, која има за цел да предизвика дестабилизација на Косово, според Курти, изнесува две илјади евра месечно.
Косовскиот премиер рече дека зад дејствијата за дестабилизација на Косово стои претседателот на Србија, Александар Вучиќ, за кого тврди дека лично го најавил нападот од 24 септември, за време на посета на фирма во Нови Пазар, која ги изведувала работите на патот од тој град до Рашка.
– Во просториите на фирмата „Нови Пазар Пут“ беше објавена наредбата за нападот од 24 септември, планиран и организиран од српската држава. Возилата и оружјето се наоѓаа на таа локација. Оваа фирма, која е санкционирана од САД, е на браќата Веселиновиќ и на Радоичиќ, а директор е (Александар Грбовиќ) „Грба“, кој учествувал во војните на Косово, Босна и Хрватска, а бил и директор на затворот во Ниш. Еден месец пред нападот во Бањска, оваа фирма ја посети Вучиќ, за свечено да ја отвори изградбата на патот Рашка-Нови Пазар. Тој ја пофали работата на изведувачот и го нарече „најбрзиот човек“ и три месеци однапред му го честита и отворањето на патот. Таму Вучиќ рече дека е тешко да се најде решение со луѓето од Косово, мислејќи на мене. Тој таму обвинуваше за наводен напад, бидејќи самиот подготвувал напад. А, тоа и се случи на 24 септември, рече Курти.
Тој истакна дека Радоичиќ по нападот, иако ја признал одговорноста, во рекордно време бил ослободен од српскиот суд и сега подготвува нов напад со целосна поддршка од Српската разузнавачка агенција (БИА).
– Тој сега организира други напади со членовите на (нелегалната организација на косовските Срби) Цивилна заштита. Одржува средби со БИА, просториите на фирмата Јаблановица во Рашка се користат како засолниште и за складирање возила и експлозивни направи за идни напади на Радоичиќ и неговата група. Во оваа зграда се сместени припадници на Цивилната заштита кои вршат набљудувања, а инструктор им е Угљеша Јарениќ. Тие се сместени таму, а освен сместувањето им се плаќа и по околу 2 илјади евра месечно, рече Курти