Во протестите се повредени осум лица.
Во објавата на својот фејсбук профил, Курти посочи дека овие дејствија се спроведуваат во координација со надлежните обвинителства и судови и додаде дека претходно била спроведена истрага.
„Криминалот и криминалните групи нема да бидат толерирани. Ќе има борба против нив. Ќе се бориме и ќе спречиме шверц“, напиша Курти.
Тој додаде дека полициската акција е завршена, но ги повика граѓаните во Северна Митровица, каде што живее мнозинско српско население, да не станат жртви на информациите објавени од српските медиуми „кои штитат криминал, корупција и шверц и сакаат да се политизираат ситуацијата”.
Инаку денеска косовската полиција употреби солзавец против демонстрантите кои се упатија кон полицијата во Северна Митровица, изразувајќи незадоволство од полициската акција против шверцот на стоки.
Барикада направена од камиони беше поставена во Северна Митровица, во близина на населбата Бошњак, на главниот пат што води од југ кон север од градот.
Според директорот на Здравствениот дом во Северна Митровица, Златан Елек, шест лица се повредени за време на полициската акција. Тој не прецизира за какви повреди станува збор, бидејќи, според него, „пациентите се во фаза на дијагностика“.
Косовската полиција заплени разни стоки и одредени материјални докази за кои постои сомневање дека се шверцувани.
„Акцијата, која се уште трае, се прошири на неколку локации во Косово, вклучувајќи го и регионот на Северна и Јужна Митровица, Приштина и Пеќ“, се вели во соопштението на косовската полиција.