Во Приштина се одржува вонредна седница на Собранието, каде на дневен ред е само една точка, ситуацијата на северот на Косово и Метохија.
Премиерот Албин Курти, ја искористи седницата да ги таргетира Србите кои живеат на Косово и Метохија, наведувајќи список со нивните имиња и обвинувајќи ги за немирите во Звечан. Тој ги објави и имињата на некои од луѓето за кои рече дека се главни организатори на немирите на северот во последните денови.
Според него, главната улога во организирањето на демонстрантите ја имаат „припадниците на незаконското формирање на таканаречената „граѓанска одбрана“ и „поранешните припадници на косовската полиција“. „Овие протести, и покрај сета нивна злоба, ни послужија да направиме валидни идентификации“, рече тој во собранието.
Курти истакна и дека има доволно снимки кои докажуваат дека ескалацијата на ситуацијата на 29 мај била организирана, добро испланирана и дека има автор и дека тоа е Белград, пренесува „Газета експрес“.
Тој пред пратениците ја кажа „хронологијата“ на настаните на северот, што, според него, е важно бидејќи покажува дека косовските институции ги исполниле своите обврски. Како што наведе, на 29 мај „добар дел од криминалните групи организирано се вратиле за да ја ескалираат ситуацијата“.
„Постапивме во согласност со Уставот и интересите на Република Косово. И мислам дека хронологијата на настаните покажува дека немаше само консултации, туку и координација со меѓународните партнери. Немаше изненадувања бидејќи тоа беше процес со многу врски, а последната алка беше дека градоначалникот оди на своето работно место“, рече Курти.
Тој изјави дека „здружувањето“ на новите градоначалници со специјалците е оценка на безбедносните институции.
„Кога градоначалниците влегоа во зградите беа празни. Српската листа ги остави. Тие знаат дека зградите не се нивни“, рече Курти.
Тој изјави дека владата што ја предводи верува во трајно пријателство со САД и со Европската Унија, додавајќи дека пристапот кон Косово и Србија не може да биде ист.
„Србија е автократска, а не демократска земја“, рече Курти